Клиринг на мали меѓубанкарски плаќања (КИБС-Клиринг)
Клиринг на мали меѓубанкарски плаќања (клиринг) е процес кој се состои од:
Размена на трансакции со мали меѓубанкарски плаќања (клириншка размена);
Утврдување на нето состојба преку пресметка и пребивање на трансакциите од клириншката размена (клириншка пресметка);
Подмирување на обврските произлезени од клириншката пресметка (клириншко порамнување).
Учесници во клирингот на малите меѓубанкарски плаќања се носителите на платниот промет.
Покрај општите услови за членство, членките на КИБС-Клиринг потребно е до КИБС да достават:
- Дозвола за основање и работење на банки издадена од НБРМ;
- Договор за отворање на трансакциска сметка во МИПС;
- Овластување КИБС да издава налози за задолжување на товар на трансакциската сметката на членката во МИПС, заради покривање на негативните состојби при клириншкото порамнување (Образец КИБС-Клиринг).
Пристапот до сервисот КИБС-Клиринг се извршува преку КИБС-ФиНет.
КИБС го организира и извршува сервисот КИБС-Клиринг секој работен ден во кој работи МИПС.
Клириншки ден е време во кое се извршува сервисот КИБС-Клиринг за трансакции со датум на валута кој се однесува за еден календарски ден. Клириншкиот ден содржи еден или повеќе пресметковни циклуси (клириншки циклус). Бројот на клириншките циклуси и времето на извршување на поодделните активности во текот на клириншкиот ден се уредува со Терминскиот план.
Максималниот износ на поединечна трансакција која може да учествува во КИБС-Клиринг го определува НБРМ.
По извршеното успешно порамнување, КИБС до секој од учесниците доставува извештаи согласно Упатството за размена.