РГФ

РЕЗЕРВЕН ГАРАНТЕН ФОНД

РГФ

РЕЗЕРВЕН ГАРАНТЕН ФОНД

КИБС АД Скопје како оператор на Платниот систем на мали меѓубанкарски плаќања со значајно пазарно учество во платежните услуги, го усогласи своето работење со Принципите на инфраструктурата на финансиските пазари на Банката за меѓународно порамнување во Базел и воведе Резервен гарантен фонд со кој се обезбедува ефикасно следење и управување на ликвидносниот ризик. Фондот обезбедува доволно ликвидни ресурси за да се заврши порамнувањето на платните обврски во истиот ден со висок степен на доверба во широк спектар на потецијални стрес-сценарија во случај на неможност за намирување на обврските на било кој учесник во платниот систем во екстремни, но веројатни пазарни услови.

Врз основа на Одлуката за критериумите и стандардите за работењето на платните системи (Сл. Весник на РМ бр. 17 од 2016 година) како и Одлуката за начинот и методологијата на надзор на платните системи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/16) донесени од Советот на НБРМ, а особено за Принцип 7* Ликвидносен ризик, кој КИБС како значаен платен систем треба да ги исполни, Управниот одбор на КИБС во месец март 2017 година донесе Одлука за основање на РГФ.

Формирано е Работно тело со членови од банките, стручни лица од областа на ликвидност, и вработени од одделението, со цел изнаоѓање на оптимално решение за утврдување на големината, учеството, распределбата на средствата, дефинирање на правилата за реализирање на дадените обезбедувања и обновување на РГФ.

Со успешна и интерактивна соработка со Дирекцијата за платни системи во НБРМ, Работното тело како и соработка со стручни лица од сите банки усогласени се предлог документите за РГФ и Управниот одбор на КИБС во месец август 2017 година ги донесе следните документи:

  • Правила на РГФ со прилозите Метод за определување на големината на РГФ, Метод за определување на процентуалното учество на учесниците во РГФ
  • како и измена, усогласување на:
  • Терминскиот план за работа на КИБС и
  • Правилата за работа на КИБС.

По иницијатива на Работното тело и Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителната резерва донесена во месец септември 2017 година, средствата за учество на банките во РГФ се составен дел на средствата од задолжителната резерва во денари на банките (обврска која ја имаат банките кон НБРМ). Пресметката на големината на РГФ се прави на месечна основа секој прв работен ден во месецот (одредба од Правила за РГФ), а датумот на уплата на средствата од страна на банките е усогласен со датумот на почеток на периодот на задолжителната резерва согласно Индикативниот календар на седници на КОМП и на периоди на исполнување на задолжителната резерва.

Од месец септември 2017 година средствата во РГФ стојат на располагање на банките и истите можат да ги користат до висината на своето учество во случај од неможност од порамнување.

Средствата на банките во РГФ почнувајќи од месец октомври 2017 година ќе бидат составен дел од средствата во задолжителната резерва во денари на банката.

Управниот одбор на КИБС во месец декември 2017 година донесе Правила на РГФ в.2.0. Во новата верзија од Правилата на РГФ, верзија 2.0, дефинирани се правила за РГФ базирани на индивидуално обезбедување на средства во РГФ во висина на максималното нето изложување на секој учесник во последните 12 месеци. Овој модел на РГФ ги имплементира предностите и можностите за РГФ кои ги донесе Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителна резерва на НБРМ со одредбите дека издвоените средства во РГФ се составен дел од Задолжителната резерва.

Правилата на РГФ, верзија 2.0 се применуваат од месец февруари 2018 година. Првата пресметка по новите правила е на 01.02.2017 а термините за издвојување на средства се усогласуваат со почетокот на периодот на Задолжителна резерва од Индикативниот календар на седмици на Комитетот за оперативна и монетарна политика (КОМП) започнувајќи од февруари, 2018 година.

Со пресметката согласно Правилата на РГФ в.2.0. учеството на банките во РГФ се зголеми и се избегна нивната меѓу зависност во однос на фондот со што се доби индивидуално обезбедување. Сите банки редовно и комплетно ги подмируваат обврските во РГФ.

Соодветно на ова извршени се и измени во Правилниот за работа на КИБС како и Терминскиот план на КИБС.